Митко Чавков вработувал роднини по институции, син му добивал однапред наместени државни тендери

Сегашниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, ја искористил својата позиција да ги вработи своите најблиски роднини и пријатели на добро платени државни работни места. Па така, својата сопруга Јасмина која претходно работела како дактилограф, а подоцна вонредно завршила на Универзитетот ФОН, преку ноќ добила раководна функција во Секторот за гранични работи и миграција во МВР. Снаата на Митко, Данче Чавкова ја вработил како раководител на отсекот за крипто заштита при МВР, внуката од првиот братучед Јасмина Зекирска која е полицаец со вонредно тригодишно образование во СВР – Струмица ја унапредил во инспектор за економски криминал. Првата братучетка на Јасмина Чавкова(сопруга на Митко), Бистра Глигорова ја вработил како началник на Одделението за заеднички работи, а првиот братучед на Јасмина Чавкова, Драганчо Трендафилов го вработил како раководител во Отсекот за крим техника. Другарот на Митко Чавков, Трајан Николов станал заменик началник на СВР – Струмица, а неговиот син е исто така вработен во СВР – Струмица. Синовите на другарот на Чавков, Драги Стојменов ги вработил(Марјан и Дејан) во СВР – Струмица. Додека таткото ги вработувал роднините во државни институции на раководни позиции, синот Иван Чавков со наполнети 20 години отворил фирми која подоцна добивала државни концеси. Во бизнисот со градежништвото, Иван Чавков дејствува преку две фирми.

Една од компаниите е „ПОРТЛАНД-ОПЦ“, чиј единствен сопственик, според потврда од Централен регистар, е Иван Чавков. Тој е и управител на ова друштво со основна дејност „трговија на големо со дрва, градежен материјал и санитарна опрема“, формирано во 2010 година. Оваа компанија има седиште во Струмица, на домашната адреса на Иван Чавков. Според Катастарот на недвижности, пак, станува збор за стан во сопственост на Митко Чавков и неговата сопруга, со иста квадратура наведен во неговиот анкетен лист.

Две години по основањето на оваа компанија, односно во 2012 година, кога Митко Чавков од шеф на Одделот за организиран криминал станува прв човек на Централните полициски сили, каде што се задржува една година и е именуван за директор во Бирото за јавна безбедност, е основана компанијата „ИН-МАК БЕТОН“.

Иван Чавков е основач на оваа компанија за производство на готова бетонска смеса, заедно со извесен Неџати Бакиу од Гостивар, во партнерски сооднос. Чавков е управител на ова друштво, кое од пред неколку месеци има и подружница за сепарација на песок во Струмица, поточно во индустриската зона Сачево.

Од Министерството за економија информираат дека оваа година склучиле договори со „ПОРТЛАНД-ОПЦ“ за детални геолошки истражувања на песок и чакал на два локалитети: „Гечерлиски рид 1“ – Босилово и „Врпчовки“, село Добришанци – Василево. Според јавниот повик за доделување концесија од втората половина на 2013 година, периодот за геолошки истражувања е две години, по што би можело да следува фаза на експлоатација.

Министерството посочува дека во 2013 година склучило договор со „ИН-МАК БЕТОН“ за експлоатација на варовник на локалитетот „Бел Камен“ – Куманово, за период од 30 години, откако претходно завршиле истражните работи врз основа на договор за геолошки истражувања од 2012 година.

Компанијата „ИН-МАК БЕТОН“, која има десетина вработени, ја завршила 2013 година со загуба од 922.347 денари, ама во 2012 година остварила добивка од 8.274.359 денари. Овој период (2012-2013) временски коинцидира со договорот за експлоатација на варовник во Куманово и со откупот на градежно земјиште во Петровец.

Продолжува…

 

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s