Згасна „Жито Вардар“ во Велес, 1000 Велешани без работа, Груевски непожелен во градот

Згасна АД „Жито Вардар“ во Велес, еден од најголемите производители на леб, месо и други прехрамбени производи во државата. Доверителите на рочиштето што се одржа во Основниот суд во Велес едногласно одлучија, компанијата да биде ликвидирана. Целиот движен и недвижен имот на Жито Вардар ќе се продава во најскоро време, и тоа во пакети. Според проценката на експертите, вредноста на велешката фабрика е осум милиони и осумстотини и педесет илјади евра(8.850.000 евра). Дури 90 отсто од имотот е под хипотека како залог кај банките. Нивни претставници на рочиштето се изјасниле, подмирувањето на обврските кон нив да биде извршено по рамна постапка со цел да се запази целовитоста на имотот со кој располага фирмата.

– По извршената проценка на целокупниот движен и недвижен имот доверителите на собранието донесоа одлука предност за подмирување на обврските , според Законот, да имаат хипотекарните побарувачи, рече стечајниот управник Ацо Петров.

Доверителите го задолжија стечајниот управник во најскоро време да распише оглас за продажба на имотот на Жито Вардар.

Во комбинатот некогаш работеа повеќе од 470 работници, само во погоните во Велес, а најмалку уште 500 работеа во живинарските и свињарските фарми во другите градови во земјата, како и во фабриката за добиточна храна во Градско. Во минатото, во пекарата на Жито Вардар дневно се произведуваа над 25 илјади леба. Во млинот се мелеше над 10 илјади тони пченица, а во фабриката во Градско се произведуваа над 50 илјади тони добиточна храна. Од сопствените свињарски фарми, фабриката ја снабдуваше Македонија со свинско месо со повеќе од 50 проценти.

Leave a comment